Портпаролот на иранските вооружени сили Ебрахим Золфагари ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Иран бара договор за прекин на конфликтот на Блискиот Исток, оценувајќи дека САД „преговараат сами со себе“.
Во видео обраќање емитувано на државната телевизија, Золфагари изјави дека американските тврдења за нивната „стратешка сила“ се претвориле во, како што рече, „стратешки неуспех“, додавајќи дека САД се обидуваат да го прикажат поразот како дипломатски успех.
Тој порача дека Иран нема намера да прифати договор под вакви услови, нагласувајќи дека позицијата на Техеран останува непроменета. Според него, како што истакна, Иран „никогаш нема да се договори“ со САД, ниту сега ниту во иднина.
Оваа реакција доаѓа по информациите дека администрацијата на Трамп доставила предлог за прекин на огнот во 15 точки, кој бил одбиен од иранска страна.
Во меѓувреме, Корпус на исламската револуционерна гарда соопшти дека извршил ракетни и дронски напади врз цели во Израел, вклучувајќи го и Тел Авив.
Покрај тоа, пријавени се напади и врз воени бази поврзани со САД во Кувајт, Бахреин и Јордан. Според локалните власти, во Кувајт избувнал пожар во резервоар за гориво на меѓународниот аеродром по удар од дрон, но засега нема информации за повредени.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












