ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ, Левица и ДУИ свесно го попречуваат донесувањето на новиот Изборен законик, оценувајќи дека причината за таквиот потег е падот на нивната поддршка кај граѓаните и стравот од лош изборен резултат.
Од владејачката партија посочуваат дека новиот Изборен законик е дел од Реформската агенда и дека неговата подготовка се одвивала подолг период преку работна група во која, според нив, бил постигнуван политички договор и поширок консензус.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо да дадат придонес во процесот, опозициските партии одлучиле да го закочат усвојувањето на законските измени. Оттаму тврдат дека Левица не го поддржала постигнатиот договор, додека СДСМ доставила околу 10.000 амандмани, спротивставувајќи се на можноста за електронско гласање на дијаспората.
Во партиското соопштение се наведува и дека ДУИ се приклучила кон блокадата со барањето одлуките во Државната изборна комисија да се носат исклучиво со консензус, наместо со мнозинство, како што е предвидено досега.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека заеднички интерес на трите партии е, како што велат, да создадат алиби за евентуален изборен неуспех, наместо да учествуваат во реформирање на изборниот процес.
Партијата повторува дека е подготвена да разгледа предлози што ќе произлезат од договор меѓу опозициските партии, под услов тие да содржат решение со кое ќе се олесни остварувањето на избирачкото право на македонските граѓани во странство.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека според нив, ваквото однесување покажува дека партиските интереси се ставени пред потребите на дијаспората и реформските процеси.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












