Студентите кои ќе престојуваат во студентските домови од новата академска година ќе мора да ги почитуваат значително построгите правила предвидени со новиот Закон за студентски стандард. Законот воведува низа прекршоци поради кои студентите можат да го изгубат правото на сместување, а во потешки случаи да добијат и забрана за престој во кој било студентски дом во државата во наредните пет години.
Една од најстрогите мерки се однесува на внесувањето алкохол во студентските домови. Според новите правила, студент кој ќе внесе пиво или друг алкохолен пијалак може да остане без своето место во домот и да добие повеќегодишна забрана за повторно сместување.
Освен за внесување алкохол, санкции се предвидени и за прекршување на куќниот ред, оштетување на инвентарот и имотот, како и за однесување што го нарушува нормалното функционирање на студентските домови.
Законот носи и ограничување за возраста на корисниците. Лица постари од 30 години повеќе нема да можат да ги користат поволностите за сместување и исхрана во студентските домови. Од Министерството објаснуваат дека оваа измена е воведена поради случаи во кои биле затекнати лица постари од 40 години кои останувале во домовите со тоа што формално се презапишувале на факултет.
Студентските организации, пак, сметаат дека покрај обврските за студентите, потребен е и поефикасен надзор врз раководствата на студентските домови за да се обезбеди законите да се применуваат еднакво и без селективност.
Од Министерството за образование и наука најавуваат дека преку инспекциски надзори и ревизии ќе ја следат работата на управите на домовите и спроведувањето на законските одредби.
Во меѓувреме продолжуваат инвестициите во студентското сместување. Во тек е реконструкција на студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“, а надлежните најавуваат дека до крајот на мандатот ќе бидат обновени сите девет студентски дома во државата.
Потребата од реконструкција е голема, бидејќи дел од студентите и натаму престојуваат во несоодветни услови. Последен пример беше студентскиот дом во Охрид, каде студентите за време на јунската испитна сесија учеа без електрична енергија поради неплатени сметки. По тој случај директорот поднесе оставка, а во тек е постапка за избор на негов наследник.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












