Партиски делегации предводени од лидерите на Христијан Мицкоски и Максим Димитриевски во сабота ќе одржат средба посветена на најавената реконструкција на Владата.
Од ЗНАМ – За наша Македонија најавуваат дека на состанокот ќе побараат појаснување за опфатот на реконструкцијата, нагласувајќи дека таа не се однесува само на министерските позиции, туку и на поширок круг на именувани функционери во вториот и третиот ешалон на власта.
Министерот за јавна администрација и генерален секретар на ЗНАМ, Горан Минчев, во изјава за ТВ Канал 5 истакна дека партијата веќе направила внатрешна евалуација на своите кадри и дека постои оценка дека тие успешно ги извршуваат своите функции.
Тој посочи дека критериумот за кадровските решенија треба да биде резултатот на работа, а не личните релации, додавајќи дека ЗНАМ е подготвена да ги слушне аргументите од коалициските партнери на претстојната средба.
Минчев се осврна и на коалицискиот договор со ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека постои согласност за повеќе клучни прашања, меѓу кои и ставот за уставните измени.
Во однос на идните политички чекори, тој порача дека партијата размислува за самостоен настап на следните парламентарни избори, но дека останува отворена за дијалог во рамки на коалицијата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












