Според Касами, партијата на Ахмети е во страв па затоа се свртела кон националистичка реторика
Претседателот на Движењето Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, во интервју за националната Косовска телевизија РТК синоќа изјави дека се разговарало претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари да биде претседателски кандидат на опозициските партии на Албанците во Македонија.
Засега Таравари молчи и се нема изјаснето дали ова е вистина, како и за тоа дали тој би прифатил да биде кандидат за претседател.
„Да, разговарано е Таравари да биде кандидат за претседател и тој се смета за соодветен кандидат да биде кандидат Албанец на овие избори“, изјави Касами.
Според Касами, партијата на Ахмети е во страв, па затоа се свртела кон националистичка реторика. Според него, прашањата за национализмот ќе се вратат силно само во влада на ВМРО-ДУИ.
„ДУИ ѝ се враќа на воената реторика, националната реторика. Оваа реторика не беше во последната кампања кога ДУИ имаше комодитет, се занимаваше со зелени кампањи, сега кога ја зафати паника, се врати на воената реторика. Верувам дека прашањата за национализмот ќе се вратат силно само во влада на ВМРО-ДУИ“. рече Касами.