Пратеникот Илир Демири повеќе нема да делува во рамки на досегашната коалициска структура, туку ќе функционира како независен пратеник. За неговата одлука бил официјално информиран претседателот на Собранието, Африм Гаши, соопштуваат од неговиот кабинет.
Демири влезе во парламентот како претставник на Алијансата за Албанците од крилото на Зијадин Села, избран во шестата изборна единица. Оваа политичка групација на последните избори настапи во состав на Коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ.
Промената доаѓа по најавата на Села дека ја прекинува соработката со ДУИ. На 18 ноември, Централното претседателство на Алијансата за Албанците објави дека партијата ќе продолжи да дејствува самостојно, а нејзините претставници во законодавниот дом ќе формираат независна пратеничка група.












