По спроведена обемна истражна постапка, Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум физички лица и едно правно лице за сериозни злоупотреби поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Според обвинението, во текот на 2023 година петмина од обвинетите, во својство на директори и раководни лица во РЕК Битола, меѓу кои и тогашниот директор на комбинатот, сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Тие, со заедничко дејствување, не постапиле законито и совесно, прекршувајќи ги основните принципи на економичност, ефикасност и конкурентност утврдени во Законот за јавни набавки.
Со намера да овозможат противправна имотна корист за избрано правно лице, обвинетите спровеле тендерска постапка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК Битола. Иако биле свесни дека планираниот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ и транспорт на јаглен, сепак ја реализирале набавката. Дополнително, во рудникот Живојно, поради формата на површинскиот коп и ограничениот век на експлоатација, не била предвидена примена на континуирана технологија со каква што располагале дислоцираните погонски станици.
Обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план, а условите за учество на тендерот биле поставени така што фаворизирале само една компанија. На тој начин, таа фирма се појавила како единствен понудувач и го добила договорот вреден околу 90 милиони денари без ДДВ.
Сопственикот на фирмата, двајца негови вработени и самото правно лице се обвинети за злоупотреба на постапка за јавна набавка, бидејќи доставиле невистинита документација со која тврделе дека монтажните работи се целосно завршени, иако опремата фактички не била инсталирана и се наоѓала во кругот на РЕК Битола. Врз основа на таа документација била извршена исплата, со што компанијата се стекнала со значителна противправна корист.
Во ова, според обвинението, биле вклучени и тројца директори и раководители во РЕК Битола кои во 2024 година потпишувале записници и извештаи за наводно завршени работи, иако знаеле дека истите не се реализирани. Со тоа било овозможено незаконито исплаќање средства, што се квалификува како продолжено кривично дело измама во службата.
Јавниот обвинител побара одземање на околу 1,7 милиони евра со ДДВ, колку што изнесува износот исплатен на компанијата. Во рамки на истрагата, со користење и на меѓународна правна помош, обезбедени се над 1,2 милиони евра, готовина во странска валута, златни монети и златна плочка од банкарски сеф во Белград, како и повеќе од 500.000 евра на сметки во домашни банки.
Дополнително, замрзнати се и десет нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година преку фирма во Србија, сопственост на првообвинетиот. Истражните органи утврдиле дека обвинетиот поседува и компании во Србија и дека постои ризик од префрлање на средства и бегство, поради што е побарано продолжување на мерката притвор до завршување на судската постапка.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:











