Францускиот државјанин и сопственик на швајцарскиот бар каде што за време на новогодишната ноќ животот го загубија 40 лица, во исказ пред истражните органи навел дека излезната врата за итни случаи била заклучена одвнатре.
Станува збор за Жак Морети, ко-сопственик на барот Констеласион во швајцарското ски-одморалиште Кран-Монтана. Морети беше приведен во петокот, додека обвинителството во кантонот Вале ја продолжува истрагата за една од најтешките пожари во поновата историја на земјата.
Во пожарот загинаа 40 лица, најголемиот дел од нив тинејџери, а уште 116 беа повредени. Морети изјавил дека дознал за заклучената врата веднаш по избувнувањето на пожарот. По пристигнувањето на местото, тој насилно ја отворил вратата, при што зад неа затекнал неколку лица кои лежеле без свест, покажуваат полициски извештаи објавени во медиумите и потврдени од извор близок до истрагата.
Според првичните наоди, пожарот најверојатно настанал откако прскалки дошле во контакт со акустична пена поставена на таванот во подрумскиот дел од објектот. Истражните органи, исто така, проверуваат дали барот располагал со соодветен број противпожарни апарати и дали излезите биле во согласност со безбедносните прописи.
Сопругата на Морети и косопственичка на локалот, Џесика Морети, која по сослушувањето беше пуштена на слобода, изјавила дека прскалките биле стандардна пракса при послужување алкохол. Морети, пак, тврди дека претходно спровел тестирања и дека тие не биле доволно силни за да предизвикаат палење на акустичната пена.
Тој навел дека пената ја купил во обична продавница и самостојно ја поставил за време на реновирањето на објектот, кој го купил во 2015 година.
Во однос на присуството на голем број малолетници во барот, Морети изјавил дека влезот бил забранет за лица под 16 години, додека на посетителите од 16 до 18 години им било дозволено присуство исклучиво во придружба на возрасно лице.
Двојката е под истрага под сомнение за убиство од небрежност, нанесување тешки телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












