Не е ништо невообичаено за овој период од годината да има зголемен број пациенти со сезонски грип, информираат здравствените власти. Според најавите, пикот на заболени се очекува во втората половина од јануари, со почетокот на второто полугодие од учебната година, а зголемената инциденца може да трае до средината на февруари.
Од Институт за јавно здравје посочуваат дека состојбата внимателно и континуирано се следи. Најчестите симптоми кај заболените се покачена телесна температура, која во одредени случаи достигнува и до 40 степени, како и сува, интензивна и долготрајна кашлица.
Јануарските студови особено силно ги погодуваат најмладите. Ниските температури, честите временски промени и долгото задржување во затворени простории го ослабуваат детскиот имунитет и создаваат поволни услови за побрзо ширење на вирусите и респираторните инфекции.
Засега, како што наведуваат здравствените експерти, ситуацијата е под контрола. Најчесто се изолира вирусот на грип Инфлуенца А, но во последно време започнал да циркулира и RSV – респираторниот синцицијален вирус.
Од Институтот за јавно здравје додаваат дека доколку дојде до значително зголемување на бројот на заболени, можно е да се препорача продолжување на зимскиот распуст, но нагласуваат дека за таква одлука засега е рано и дека состојбата ќе продолжи внимателно да се следи во наредниот период.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












