Државниот завод за ревизија утврдил низа сериозни пропусти во работењето на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), особено во управувањето со државниот имот, возниот парк и угостителските услуги во владините ресторани и бифеа.
Според ревизорскиот извештај, финансиските извештаи се поврзани со одговорноста на поранешниот директор Пеце Мирчевски, кој ја водел институцијата од 2017 до 2024 година, како и на сегашниот директор Ивица Томовски, назначен во јуни 2024 година.
Ревизорите забележале неправилности во евидентирањето на готовинскиот промет, при што во одредени периоди биле регистрирани значително пониски дневни уплати. Како причина било наведено дека поради прекин во функционирањето на фискалната апаратура во јуни 2024 година не биле издавани фискални сметки ниту парагон блокови, што е спротивно на законските обврски за евиденција на готовински плаќања.
Во извештајот се посочува и дека СОЗР управува со значителен државен имот без целосна и ажурна евиденција. Во финансиските книги, на пример, се води земјиште вредно околу 20 милиони денари, иако дел од него веќе е продадено или на него се изградени објекти на приватни субјекти. Недостасуваат и прецизни податоци за користењето на дел од земјиштето во повеќе градови низ државата.
Дополнително, Службата располага со 45 службени возила обезбедени преку лизинг, но без направени анализи за реалните потреби и без јасни процедури за планирање и користење на возилата. Ревизијата покажала и дека дел од редовните работни задачи ги извршуваат лица ангажирани преку агенции за привремени вработувања, при што само во една година 21 ангажирано лице примило повеќе од 3,2 милиони денари.
Посебен дел од извештајот се однесува на угостителските услуги во владините ресторани и бифеа. Работата сè уште се регулира со упатство од 2010 година, а цените на храната и пијалаците се зголемувале – прво за 15 проценти, а од август 2024 година и до 50 проценти.
На крајот на 2024 година, залихите на храна и пијалаци биле проценети на околу 2,3 милиони денари, но ревизорите утврдиле неуредна евиденција, при што дел од набавките се евидентирале веднаш, а дел само еднаш годишно. Воедно, разликата меѓу набавната и продажната цена на храната и пијалаците, заедно со ДДВ, во 2024 година надминала 10 милиони денари, но наместо како приход, била евидентирана како извор на капитал и ревалоризациона резерва.
Ревизорите укажуваат и дека Службата користи застарен сметковен план, поради што трансакциите за храна и пијалаци се водат како материјали, што не е во согласност со правилата за буџетските корисници.
Во извештајот се препорачува преземање итни мерки за воспоставување прецизни регистри на имотот, усогласување на сметководството со законската регулатива и зајакнување на контролата врз трошењето на јавните средства.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












