Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, се огласи по информациите дека голем број граѓани побарале медицинска помош поради стомачни тегоби и сомнежите дека причината може да биде поврзана со квалитетот на водата од градскиот водовод.
Лимани порача дека прва обврска на локалната власт е јавноста да биде информирана точно, навремено и транспарентно, без прикривање на информации.
Според него, редовните анализи што ги спроведува ЈП „Комуналец“ покажале дека досега испитаните примероци од водата биле во рамките на дозволените законски вредности.
По пријавите од граѓаните, Јавното обвинителство, полицијата и останатите надлежни институции извршиле дополнителни проверки и земале нови примероци за лабораториски анализи.
До добивањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, е воведена привремена забрана за користење на водата за пиење и подготовка на храна. Градоначалникот апелираше граѓаните целосно да ја почитуваат оваа превентивна мерка.
Во однос на информациите дека можело да има мешање на канализациска и водоводна вода, Лимани посочи дека според податоците од ЈП „Комуналец“, на посочената локација нема канализациска мрежа. Сепак, нагласи дека сите наводи ќе бидат предмет на стручна проверка.
Градоначалникот истакна дека во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека стомачните тегоби кај граѓаните се предизвикани од водата од градскиот водовод и дека конечниот одговор ќе го дадат надлежните институции по завршувањето на анализите.
Лимани информираше дека Општина Гостивар е во постојана координација со сите институции и дека веднаш по добивањето на резултатите тие ќе бидат јавно објавени.
Тој ги повика граѓаните да останат смирени, да ги следат официјалните информации и да избегнуваат ширење непроверени податоци, нагласувајќи дека заштитата на здравјето на граѓаните е најважен приоритет.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












