Ситуацијата со шумските пожари во Канада продолжува да се влошува, а повеќе од 200 активни жаришта сè уште не се ставени под контрола, најмногу во провинцијата Онтарио. Димот од пожарите се прошири и кон североисточниот дел на Соединетите Американски Држави, каде што милиони луѓе се изложени на значително влошен квалитет на воздухот.
Според Канадскиот меѓуагенциски центар за шумски пожари, во моментов се регистрирани 893 активни пожари, од кои 209 се надвор од контрола. Иако бројот на пожари е помал во споредба со рекордните сезони во 2023 и 2025 година, нивниот интензитет значително се зголемил во текот на изминатата недела.
Официјалните податоци покажуваат дека од почетокот на годината изгореле околу 2,8 милиони хектари, додека пред само една седмица таа бројка изнесувала околу 1,6 милиони хектари.
Најкритична е состојбата во провинцијата Онтарио, чии власти побараа федерална помош. Засега нема информации за жртви, но неколку изолирани населени места се евакуирани поради опасноста од пожарите.
Димот од пожарите, поттикнат од ветерот, сериозно го наруши квалитетот на воздухот во Торонто, како и во повеќе градови во источниот дел на САД.
Според податоците на швајцарската компанија „Икјуаер“, Чикаго, Детроит, Вашингтон и Њујорк во текот на денот биле меѓу градовите со најзагаден воздух во светот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:













