РК Вардар повторно е шампион на македонската Суперлига, откако вечерва на домашен терен убедливо го совлада најголемиот ривал РК Еурофарм Пелистер со 34-19 и ја врати титулата во своите витрини.
Гостите подобро го отворија натпреварот и поведоа со голот на Дејан Манасков, но Вардар брзо одговори со серија од 3-0 за пресврт и водство од 3-1. Пелистер преку Радивојевиќ израмни на 3-3, но следуваше нов налет на домаќините, кои во 9. минута со голот на Малус стигнаа до првиот посериозен исчекор од 6-3.
Во продолжението се играше израмнето, а на средината од првото полувреме, при резултат 9-7, тренерот на Вардар Иван Чупиќ побара тајм-аут. По паузата, домаќините дополнително ја зголемија предноста и во 23. минута преку пеналот на Урош Митровиќ поведоа со 13-9.
Клучниот момент се случи по дуелот меѓу Хенигман и Малус, по кој ракометарот на Пелистер заработи директен црвен картон. Вардар го искористи падот во играта на противникот и на полувреме замина со убедливи 18-12.
Во второто полувреме вардарци целосно доминираа. Со два брзи гола на стартот стигнаа до 21-12, а Пелистер цели девет минути не успеа да постигне погодок. Тоа му овозможи на Вардар првпат да дојде и до двоцифрена предност, по што натпреварот рутински беше приведен кон крај за конечни 34-19.
Најефикасен кај победникот беше Урош Митровиќ со осум голови, додека кај Пелистер по пет постигнаа Филип Кузмановски и Радивојевиќ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












