Премиерот Христијан Мицкоски утре во Охрид ќе биде домаќин на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Според најавата од Владата, Мицкоски и членовите на владината делегација во 10 часот ќе го пречекаат Пленковиќ на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
По официјалниот пречек, во премиерската вила ќе се одржи тет-а-тет средба меѓу двајцата премиери, по што во хотелот „Инекс Олгица“ е предвидена билатерална владина средба.
Во рамки на посетата ќе биде потпишан договор за стратешка соработка меѓу Македонија и Хрватска, а министерствата за енергетика на двете земји ќе потпишат и меморандум за соработка.
Мицкоски и Пленковиќ ќе одржат заедничка прес-конференција, на која се очекува да ги соопштат резултатите од разговорите и идните насоки на соработката.
Во агендата на посетата е вклучен и бизнис форум на кој ќе учествуваат компании од Македонија и Хрватска, со цел унапредување на економската и инвестициската соработка меѓу двете држави.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












