Македонските атлетичари остварија забележителен успех на Балканското првенство за младинци до 20 години, кое викендов се одржа во Крајова, Романија. Репрезентацијата се враќа со сребрен медал, два нови младински национални рекорди и повеќе лични рекорди.
Најголемиот успех го постигна женската штафета на 4х100 метри, која го освои сребрениот медал со нов младински национален рекорд од 48,95 секунди. Во составот на штафетата настапија Ева Митевска, Тамара Атанасовска, Лина Исени и Марта Димковска, кои го подобрија рекордот стар повеќе од две децении, поставен во 1999 година.
Одличен настап имаше и Брајан Авиа, кој постави нов младински национален рекорд во скок во далечина со резултат од 7,15 метри, подобрувајќи го сопствениот рекорд за четири сантиметри. Со овој резултат го освои шестото место, а беше успешен и во скок во височина, каде со прескокнати 2,04 метри заврши на петтата позиција.
Иван Поповски постави нов личен рекорд во скок во височина со 1,91 метар, што му донесе деветто место.
Во спринтерските дисциплини, Ева Митевска истрча личен рекорд на 100 метри од 12,40 секунди и го освои 11. место, додека Тамара Атанасовска со време од 12,63 секунди, исто така личен рекорд, се пласираше на 13. позиција.
Марта Димковска беше десетта на 400 метри со резултат од 59,84 секунди, а Лина Исени го освои 12. место во скок во далечина со прескокнати 5,23 метри.
Во машката конкуренција на 100 метри, Димитар Корчаковски не ја заврши трката поради неуспешен старт, додека Марко Алексовски го откажа настапот поради повреда здобиена за време на загревањето.
Македонската репрезентација на Балканското првенство беше предводена од тренерите Ѓорѓи Вучков и Божурка Ѓошевска.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:










