Спортските игралишта во ООУ „Гоце Делчев“ во Виница биле оштетени во вандалски чин, а според соопштението на училиштето, сторителите се малолетни лица кои се јасно снимени од системот за видеонадзор.
Од управата информираат дека е формирана комисија која ќе ја утврди висината на причинетата материјална штета, по што случајот ќе биде процесуиран пред надлежните институции.
„Сторителите се комплетно и јасно снимени од сите агли на видеонадзорот. Доколку се утврди штета, сите видеоматеријали и докази ќе бидат доставени до полицијата за понатамошно постапување“, соопштија од училиштето.
Од училиштето додаваат дека од родителите на малолетните лица ќе биде побарано да ги надоместат трошоците за поправка и санација на оштетувањата.
Воедно, упатија апел до родителите да обрнат поголемо внимание на однесувањето на своите деца и да придонесат за зачувување на јавниот имот.
„Спортските игралишта се изградени за спорт, рекреација и дружење, а не за уништување. Нема да дозволиме неодговорни поединци да го уништуваат она што е создадено со труд и средства за доброто на сите“, наведуваат од управата на ООУ „Гоце Делчев“ во Виница.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:











