Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во телефонски разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио најавил дека Москва ќе започне напади врз, како што ги нарекува, „центрите за донесување одлуки“ во Киев.
Според соопштението на руското Министерство за надворешни работи, Лавров ги повикал САД да преземат мерки за евакуација на својот дипломатски персонал од украинската престолнина, објави Киев Индепендент.
Разговорот следува по претходната најава на руското Министерство за надворешни работи за нов бран напади со долг дострел врз Киев, кои Москва ги претставува како одговор на украински напад во окупираниот регион Луганск.
Во текот на телефонскиот разговор, Лавров предупредил на „систематски и континуирани напади“, при што повторно била истакната препораката дипломатските мисии да го намалат или евакуираат персоналот од Киев.
Ова е прв директен контакт меѓу двајцата дипломати од 5 мај наваму, кога разговарале за мировните иницијативи поврзани со војната во Украина. Засега не е познато која страна го иницирала разговорот.
Покрај ситуацијата во Украина, на агендата биле и безбедносните случувања во Ормутскиот Теснец, како и прашања поврзани со Куба, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












