Од 1 октомври студентите ќе бидат сместени во реконструираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, додека најдоцна до септември се очекува да започне реконструкција и на останатите студентски домови во државата. Ова денеска го најави министерката Весна Јаневска, која изврши увид во градежните работи во домот „Стив Наумов“ во Автокоманда.
Таа порача дека студентите ќе добијат значително подобрени услови и модерни европски стандарди во сместувањето, при што нагласи дека со реконструкцијата ќе се решат долгогодишни проблеми во домовите.
Според Јаневска, во иднина студентите нема да се соочуваат со проблеми како несоодветна хигиена, инсекти, лошо греење, нестабилни лифтови или недостиг од топла вода, оценувајќи дека новите услови ќе претставуваат голем чекор напред.
Таа најави дека од септември ќе започне и реконструкција на уште седум студентски домови во Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Пелагонија, како и на кујната во домот „Гоце Делчев“. Работите ќе се изведуваат паралелно, а целиот процес се очекува да трае од година и пол до две години.
„За две години ќе имаме целосно нови студентски домови со европски стандарди“, рече Јаневска, додавајќи дека сите студенти ќе имаат еднаков квалитет на сместување.
За време на реконструкцијата, сместувањето на студентите ќе биде организирано на различни начини во зависност од градот – преку приватни капацитети, меѓуинституционална соработка и користење на ученички домови.
Проектот за реконструкција и изградба на студентските домови е вреден околу 50 милиони евра, од кои 10 милиони се грант средства, обезбедени преку заем од Германската развојна банка и програмата за енергетска ефикасност на ЕУ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:













