Министерството за внатрешни работи соопшти дека ОВР Неготино поднело кривична пријава против правно лице со седиште во Скопје, против австриски државјанин со иницијали В.М. како одговорно лице во компанијата, како и против Р.М. (52) од Гевгелија, кој ја извршувал функцијата раководител на подружница во Кавадарци. Тие се сомничат за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според информациите од МВР, на 13 мај 2026 година полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Неготино, во координација со градежен инспектор од Општина Неготино, извршиле контрола на терен и утврдиле дека пријавените лица спроведувале градежни активности без соодветна дозвола.
При контролата било констатирано дека е извршен ископ на канал во должина од околу 600 метри, како и поставување кабли за електрична енергија на потегот меѓу селото Пепелиште и селото Војшанци.
Од МВР наведуваат дека градежните работи започнале пред да бидат исполнети законските услови, односно пред да биде платен надоместокот за уредување на градежното земјиште во износ од 1.502.981 денар и пред да биде издадено соодветно одобрение за градба.
Иако инвеститорот претходно поднел барање до Општина Неготино, постапката сè уште не била завршена во моментот кога започнале активностите на терен.
Со ваквото постапување, според полицијата, е предизвикана штета врз буџетот на Општина Неготино во висина од над 1,5 милиони денари, а случајот понатаму ќе биде процесуиран пред надлежните органи.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












