Кожуф обезбеди опстанок во Втората македонска фудбалска лига, додека Еуромилк и Камењане изборија пласман во второлигашката конкуренција по денешните бараж-натпревари.
Најубедлив беше составот на Кожуф, кој без поголеми проблеми го совлада велешки Борец со 4-0. Тимот од Гевгелија ја оправда улогата на фаворит и обезбеди уште една сезона меѓу второлигашите, додека шампионот на Третата лига – Југ остана без посакуваниот пласман.
Најголемото изненадување го приреди Еуромилк од Горно Лисиче. Победникот на Третата лига – Север славеше со 2-1 против второлигашот Каменица Саса на натпреварот во Кратово и по осум години повторно се враќа во Втората лига.
Историски успех оствари и Камењане, кое со 2-0 ја совлада Победа од Валандово и за првпат ќе настапува во Втората македонска фудбалска лига. Тимот од тетовското село на тој начин испиша нова страница во својата клупска историја.
Последниот патник во второлигашкото друштво ќе биде познат утре, кога во бараж-дуел ќе се соочат Тетекс и Влазними. Натпреварот ќе се игра на стадионот во скопската населба Ѓорче Петров.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












