Во Гостивар е забележано првично намалување на бројот на новопрегледани пациенти со симптоми на гастроентероколит, информира Министерството за здравство, кое ја следи состојбата на терен по прогласувањето епидемија.
Според последните податоци од здравствените установи, од вчера се регистрира намалување на бројот на лица кои првпат побарале медицинска помош поради стомачни проблеми.
Во Општата болница во Гостивар досега се евидентирани 1.554 пациенти, додека во Здравствениот дом – Гостивар се регистрирани 1.392 пациенти. Четирите лица кои беа хоспитализирани веќе се пуштени на домашно лекување.
Од Министерството информираат дека досега се доставени 140 формални пријави, кои ги обработуваат епидемиолошките тимови на Центарот за јавно здравје Тетово и Институтот за јавно здравје. Спроведени се и 81 епидемиолошка анкета.
Во текот на вчерашниот ден биле прегледани вкупно 564 нови пациенти во болницата и здравствениот дом, што е намалување во однос на претходниот ден, кога биле регистрирани 649 новопрегледани лица – највисока дневна бројка досега.
Министерството за здравство посочува дека кај најголем дел од пациентите клиничката слика е лесна и дека продолжуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности.
Од ресорното министерство апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките, редовно да ја одржуваат хигиената на рацете и навремено да побараат лекарска помош доколку имаат симптоми како повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












