Секторот за внатрешни работи Охрид информира дека од денеска до 22 јули 2026 година, додека индиската претседателка престојува во Охрид, ќе бидат спроведени засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај.
Од СВР Охрид посочуваат дека мерките се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на улиците, патиштата и објектите низ градот. За реализација на активностите веќе се остварени контакти со локалната самоуправа, јавните претпријатија, службите за одржување на патиштата и други надлежни институции.
Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во Охрид од денеска интензивно спроведува контроли, регулирање и обезбедување на сообраќајот, особено на булеварот „Туристичка“, но и на останатите сообраќајници каде што ќе има ограничувања за запирање и паркирање на возила.
Посебните мерки ќе ги опфатат и патните правци од Охрид кон Свети Наум, магистралните, регионалните и локалните патишта, како и заштитниот појас покрај сообраќајниците, улиците во населените места и паркиралиштата во централното градско подрачје и стариот дел на Охрид.
СВР Охрид упати апел до граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници, со цел непречено одвивање на сообраќајот и безбедност на сите учесници.
Граѓаните се повикуваат своите возила да ги користат само кога е неопходно и, доколку можат, да изберат алтернативни начини на превоз во периодот на посетата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












