Во текот на изминатото деноноќие, полициските службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода девет лица поради безобѕирно управување моторни возила. Од нив, еден возач бил под дејство на алкохол, додека двајца управувале возило и покрај изречена активна забрана.
Според информациите од полицијата, во Скопје биле приведени две лица кои управувале возила без возачка дозвола. По едно лице без возачка дозвола биле затекнати и во Чашка, Гевгелија, Битола и Кичево.
Дополнително, едно лице во Скопје и едно во липковскиот регион управувале возила и покрај тоа што имале активна забрана за возење.
Најсериозниот случај е регистриран во Берово, каде што едно лице управувало трактор под дејство на алкохол. При контролата било утврдено дека имало 1,74 промили алкохол во крвта, а притоа агресивно се однесувало кон полициските службеници.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Воедно, полицијата апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возила без положен возачки испит, со активна забрана за возење или под дејство на алкохол, со цел заеднички да се придонесе за побезбеден сообраќај.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












