Првичните разговори за најавената реконструкција на Владата се завршени, а во наредните неколку дена ќе следуваат финални консултации меѓу коалициските партнери, на кои ќе бидат разгледани и потврдени конечните кадровски решенија и распределбата на позициите.
Од Владата соопштуваат дека досегашните разговори поминале во конструктивна атмосфера и дека биле потврдени принципите што премиерот Христијан Мицкоски ги најави на прославата на роденденот на партијата во Струмица. Меѓу нив се одговорност, резултати, поголема достапност до граѓаните и поефикасно функционирање на институциите.
Според Владата, реконструкцијата не се спроведува поради партиски или персонални интереси, туку со цел дополнително јакнење на институционалните капацитети и побрза реализација на владината програма.
Од опозицијата, пак, сметаат дека најавените промени нема да донесат суштински подобрувања. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека ќе станува збор за козметички измени без конкретни резултати за граѓаните.
Во однос на можноста за предвремени парламентарни избори, опозицијата порача дека нема да биде алиби за такво сценарио, додавајќи дека избори ќе има тогаш кога ќе се исцрпат средствата во Буџетот.
Премиерот Христијан Мицкоски и претходно неколкупати изјави дека неговиот став е државата да оди на редовни парламентарни избори во 2028 година, но нагласи дека владејачкото мнозинство е подготвено и доколку се отвори прашањето за предвремено гласање.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












