Скопје денеска и утре ќе биде домаќин на Конференцијата на претседатели на врховни судови од Централна и Источна Европа, која ја организира Врховниот суд на Македонија во соработка со CEELI Институтот и со поддршка на Проектот на Европската Унија за владеење на правото.
На конференцијата е најавено учество на претседатели, заменици претседатели и судии од 13 врховни судови од регионот, како и на истакнати правни експерти и судии од Соединетите Американски Држави и претставници на CEELI Институтот.
Свеченото отворање ќе биде одбележано со обраќања на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Врховниот суд Африм Фидани, претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, како и на претставници на CEELI Институтот и Проектот на Европската Унија за поддршка на владеењето на правото.
Во рамки на конференцијата ќе се одржат пет тематски сесии посветени на клучните предизвици со кои се соочува современото судство. Ќе се дискутира за довербата на јавноста во судскиот систем, независноста на судството, примената на праксата на европските судови во националниот правен поредок, употребата на вештачката интелигенција во судските постапки и администрацијата, како и за комуникацијата на судовите со јавноста по прашања од јавен интерес.
Организаторите очекуваат конференцијата да придонесе за размена на искуства, унапредување на регионалната соработка и зајакнување на владеењето на правото преку споделување на добри судски практики.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












