Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека предложил разрешување на премиерката Јулија Свириденко, најавувајќи промени во составот на Владата на Украина.
Зеленски преку социјалната мрежа „Икс“ ѝ се заблагодари на Свириденко за досегашната работа, наведувајќи дека таа имала „јасна, посветена и ефикасна работа“ како премиер и дека со години била дел од украинскиот тим.
„Благодарен сум ѝ на Јулија за нејзината работа како премиер и за нејзината продуктивна служба. Ѝ понудив да го преземе водството на нова и важна област на односи со клучен партнер“, напиша Зеленски.
Украинскиот претседател не откри која функција би ја презела Свириденко, но најави дека заедно со парламентарните претставници ќе бидат направени соодветни промени во Владата.
Според Зеленски, реконструкцијата е потребна за да се обезбеди спроведување на „ажурираната политичка стратегија“, но тој не даде повеќе детали за конкретните планови.
Јулија Свириденко ја презеде премиерската функција во јули 2025 година. Не е познато кој би можел да биде нејзин наследник, но во јавноста веќе се споменуваат неколку имиња.
Меѓу можните кандидати за нов премиер се наведуваат поранешниот премиер и актуелен министер за енергетика Денис Шмихал, министерот за одбрана Михајло Федоров и раководителот на државната енергетска компанија „Нафтогас“, Серхиј Корецки.
Опозицискиот пратеник Јарослав Жељезњак изјави дека Свириденко најверојатно би можела да ја преземе функцијата амбасадор на Украина во САД.
„Ова значи дека таа ја напушта функцијата премиер и дека целата влада ќе биде реконструирана“, напиша Жељезњак на Телеграм.
Според украинското законодавство, оставката на премиерката треба да биде одобрена од парламентот, а нејзиното прифаќање автоматски значи оставка на целиот владин кабинет.
Зеленски најави и можни промени на високи позиции во органите за спроведување на законот, што дополнително ги засили очекувањата за поширока реорганизација на државниот врв.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:










