Репрезентацијата на Англија на драматичен начин остана без место во финалето на Светското првенство, откако по голем пресврт загуби од Аргентина со 1:2.
„Гордиот Албион“ имаше предност до самиот финиш на натпреварот. Англичаните поведоа со голот на Гордон во 55. минута, но Аргентина во завршницата направи целосен пресврт со погодоци во 85. и 90+2. минута.
Клучен момент беше одлуката на селекторот Томас Тухел Англија да се повлече и да го брани минималното водство во последните половина час, по што Гаучосите презедоа целосна иницијатива.
По натпреварот, Тухел призна дека неговиот тим не успеал да ја задржи контролата по постигнатиот гол.
„Разочарани сме. Бевме многу блиску, но по голот станавме премногу пасивни. Му дозволивме на противникот да создаде многу шанси и не успеавме да ја задржиме контролата врз топката“, изјави германскиот стратег.
Тој ги објасни и измените што ги направи во завршницата, како и одлуката да премине на формација со петмина во одбраната.
„Тие победуваа во воздушните дуели и постојано нафрлуваа топки. Сакавме да го затвориме просторот и да бидеме постабилни во одбраната. Веднаш по нашиот гол дозволивме премногу центрирања и шанси, па се обидовме да му помогнеме на тимот“, рече Тухел.
На критиките дека Англија требало да продолжи да напаѓа за втор погодок, селекторот одговори дека проблемот не бил во формацијата.
„Сакавме да постигнеме втор гол, но не можевме да ја освоиме топката и да излеземе од нашата половина. Не мислам дека проблемот беше во системот, туку во тоа што играта целосно се промени“, додаде Тухел.
Тој призна дека конечната одговорност секогаш ја носи тренерот, но порача дека по секој натпревар има многу различни мислења.
„Кога работите не завршуваат добро, лесно е да се каже дека одлуката била погрешна. По натпреварот има милиони тренери кои знаат сè подобро“, заврши Тухел.
Англија сега ќе го игра натпреварот за третото место против Франција, кој е закажан за сабота.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:













