Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, е задоволен од исходот на ждрепката за новата рунда претквалификации за ФИБА Евробаскет 2029.
Во изјава за официјалниот сајт на Кошаркарската федерација на Македонија, искусниот репрезентативец оцени дека Австрија и Кипар се противници со кои Македонија може да се носи, но предупреди дека нема простор за опуштање.
Стојановски истакна дека најважно ќе биде тимот да биде здрав и комплетен, особено поради тоа што неколку кошаркари не беа дел од претходниот циклус во кој Македонија оствари максимален ефект.
„Најважно е сите да бидеме здрави, а уште поважно е да бидеме комплетни. Селекторот да ги има на располагање сите играчи, бидејќи во претходниот претквалификациски циклус имавме неколку кошаркари кои не беа со нас, а сепак успеавме да оствариме максимален резултат“, изјави капитенот.
Тој додаде дека иако Македонија доби ривали кои на хартија изгледаат поповолни, во современата кошарка нема лесни натпревари.
„Можеби имаме нешто полесни противници, но тоа е само на хартија. Во кошарката одамна нема однапред добиени мечеви. Пред нас се четири нови средби и мора да одиме чекор по чекор“, порача Стојановски.
Капитенот потенцираше дека подготовките ќе бидат пократки во однос на претходниот циклус, но верува дека со комплетен состав Македонија има големи шанси да ја оствари целта – пласман во квалификациите за следното Европско првенство.
Македонија во вториот круг од претквалификациите ќе настапува во групата „Ф“, каде ќе игра против Австрија и Кипар. Првиот натпревар е закажан за 30 август, а само најдобропласираната репрезентација ќе обезбеди место во квалификациите за ФИБА Евробаскет 2029.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












