Класичната музичка програма на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на македонската пијанистка Горјана Стојановска.
Настапот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, во рамки на фестивалската програма посветена на врвните достигнувања од класичната музика.
Горјана Стојановска е родена во Битола, каде го започнува своето музичко образование во Државното музичко училиште, во класата на професорката д-р Татјана Божиновска. Своето образование го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде дипломира и магистрира во класата на професорката д-р Марија Ѓошевска, по претходни студии кај професорот Борис Романов.
Пијанистката дополнително се усовршува на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија, во класата на професорот м-р Рубен Далибалтајан.
Во досегашната кариера има освоено повеќе награди на домашни и меѓународни натпревари, а настапувала на бројни солистички и камерни концерти во Македонија и во странство. Како солист настапувала со Македонската филхармонија, а во 2024 година одржала концерт во Виена со Камерниот оркестар на Националната опера и балет.
Стојановска редовно е дел од музичките фестивали во земјата, а од 2021 година работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












