Собранието со 67 гласа „за“ и 13 „против“ го избра Зулфикар Зејнула за министер без ресор, со што официјално заврши процесот на реконструкција на Владата.
Зејнула, кој е претседател на Демократската партија на Турците, на функцијата доаѓа по неодамна потпишаниот коалициски договор меѓу неговата партија и ВМРО-ДПМНЕ.
Изборот не го поддржа опозициската СДСМ. Пратеникот Оливер Спасовски посочи дека нивниот став не е насочен лично кон Зејнула, туку дека не очекуваат реални промени од владината реконструкција.
„Наместо јасна визија, ова е борба за фотелји. Ова е министер за Бадентер, а не за вистинска претставеност на Турците во Собранието“, изјави Спасовски.
Од Демократската партија на Турците го поздравија изборот, оценувајќи дека со назначувањето се унапредува принципот на правична застапеност на заедниците во институциите.
Пратеникот Бејџан Иљас порача дека турската заедница по подолг период повторно добива свој претставник во Владата.
„Ова не е само избор на министер, туку порака дека институциите треба да бидат отворени за сите граѓани и дека секоја заедница треба да има можност да учествува во креирањето на државните политики“, рече Иљас.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












