Градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, почина, пренесуваат локалните медиуми. Причините за неговата смрт засега не се соопштени.
Илиевски беше долгогодишен јавен и политички деец, кој во изминатите години ја предводеше локалната самоуправа во Брвеница. Беше оженет и татко на две полнолетни деца.
Професионалната кариера ја започна во здравствениот сектор, каде од 1999 година до ноември 2021 година беше вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. На локалните избори во 2021 година беше избран за градоначалник на Општина Брвеница со мандат за периодот 2021–2025 година, а претходно, од 2013 до 2017 година, беше член на Советот на Општината.
Покрај ангажманот во политиката, Илиевски беше активно вклучен и во спортот. Од 2001 до 2013 година работеше со младинските категории во рамките на Фудбалска федерација на Македонија, а од 2013 до 2021 година беше дел од стручниот штаб на репрезентацијата до 21 година. Од средината на 2021 година беше ангажиран и во А-репрезентацијата.
Воедно, од 2016 година ја извршуваше функцијата потпретседател на Фудбалски сојуз Тетово, оставајќи значаен белег во развојот и поддршката на спортот во регионот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












