Денеска се навршуваат четири години од почетокот на руската инвазија врз Украина, која започна на 24 февруари 2022 година. Освен огромните разурнувања и десетиците илјади жртви, војната остави длабоки последици и врз демографската структура на земјата.
Според украинската демографка Ела Либанова, земјата се соочува со сериозна демографска криза. Таа оценува дека од почетокот на војната Украина изгубила околу 10 милиони луѓе – поради загинати, иселени или лица кои живеат на окупирани територии. Иако падот на наталитетот бил присутен и пред војната, конфликтот дополнително ја влошил состојбата. Во моментов, просечниот број на деца по жена е под едно, што е значително под европскиот и американскиот просек.
Лекари предупредуваат и на зголемени проблеми со плодноста. Според специјалистката д-р Ала Бараненко, стресот, неизвесноста и тешките услови за живот влијаат врз репродуктивното здравје, при што се бележи појава на предвремена менопауза кај помлади жени и намален квалитет на репродуктивните клетки, особено кај војниците.
Воените загуби дополнително ја продлабочуваат кризата. Се проценува дека од почетокот на инвазијата загинале меѓу 100.000 и 140.000 украински државјани. Просечната возраст на војниците е околу 43 години, што значи дека многумина зад себе оставиле семејства. Во моментов, околу 59.000 деца во Украина живеат без своите биолошки родители.
Во меѓувреме, дипломатските напори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина сè уште не донесоа конкретен резултат. Како клучна пречка се наведуваат територијалните прашања. И покрај поддршката од европските земји, украинските власти посочуваат дека дел од најавената финансиска и воена помош сè уште не е целосно реализирана.
Четири години по почетокот на војната, покрај борбата на фронтот, Украина се соочува и со тивка, но длабока демографска криза што ќе има долгорочни последици за иднината на земјата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












