Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против четири лица од селото Добри Дол, Општина Врапчиште, осомничени за кривичното дело „Предизвикување општа опасност“, откако на свадбена веселба пукале со огнено оружје.
Според Обвинителството, осомничените на 31 јули, во дворот на семејна куќа во селото, за време на свадбена прослава употребиле три пиштоли и една пушка од непозната марка и калибар, испукувајќи повеќе куршуми во воздух. Со тоа, како што се наведува, ги довеле во опасност животите на поголем број присутни на веселбата.
Постапката е поведена по кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, а четворицата се товарат за кривично дело согласно член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар доставил предлог за определување мерка притвор за сите осомничени. Како причина е наведена опасност од бегство, при што за еден од нив е посочено дека покрај македонско поседува и словенечко државјанство.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












