Илјадници граѓани, меѓу кои и голем број ученици и студенти, се собраа во центарот на Сараево, два дена по тешката трамвајска несреќа во која животот го загуби 23-годишен маж.
По собирот, демонстрантите го блокираа главниот пат во градот и се упатија кон зградата на Владата на Кантонот Сараево, барајќи одговорност од институциите и итни мерки за подобрување на безбедноста во јавниот превоз.
Протестот започна како спонтано собирање во центарот на градот, но брзо прерасна во масовна блокада на сообраќајот. Насобраните граѓани побараа конкретни реформи во јавниот превоз и одговорност од сите институции задолжени за безбедноста на трамвајскиот систем.
Несреќата се случи на 12 февруари, кога трамвај излета од шините при свртување лево, по што удри во патничко возило, метален столб и заштитна ограда на станицата. Во несреќата загина 23-годишен маж, а четири лица беа повредени, меѓу кои и малолетник со тешки повреди.
Возачот на трамвајот е уапсен под сомнение за кривично дело против безбедноста на јавниот превоз и е предаден на Обвинителството на Кантонот Сараево, каде ќе биде задржан 24 часа до донесување одлука за понатамошни мерки.
Владата на Кантонот Сараево го прогласи 14 февруари за Ден на жалост, додека обвинителството започна истрага за несреќата. Повеќе детали засега не се соопштуваат, а причините за трагедијата ќе бидат утврдени по експертските анализи.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












