Фудбалската репрезентација на Франција доживеа неочекуван пораз на пријателскиот натпревар во Нант, откако Брегот на Слоновата Коска славеше со 2:1 по пресврт во второто полувреме. Иако Французите имаа предност по првите 45 минути благодарение на голот на Рајан Черки, гостите успеаја целосно да го свртат резултатот и да стигнат до победа.
Избраниците на Дидие Дешан беа подобар противник во првото полувреме на стадионот „Ла Божоар-Луј Фонтено“ и својата иницијатива ја крунисаа во самиот финиш од првиот дел. Во 45. минута Черки ја затресе мрежата за водство од 1:0, а во истата минута Франк Кесие беше санкциониран со жолт картон.
По паузата следуваше сосема поинаква слика на теренот. Францускиот селектор направи дури десет измени, што очигледно влијаеше врз играта на домашната селекција. Брегот на Слоновата Коска го искористи тоа и во 53. минута стигна до израмнување преку Гуела Дуе.
Во 72. минута натпреварот беше прекинат поради пауза за освежување, а пет минути подоцна Жан-Филип Матета постигна гол за Франција, кој беше поништен поради офсајд.
Стрелецот на единствениот француски погодок, Рајан Черки, подоцна беше испратен со аплаузи од трибините, но завршницата му припадна на противникот. Во 84. минута Николас Пепе го пронајде Гуела Дуе на десната страна, а тој му асистираше на Амад Дијало Траоре, кој со прецизен удар од работ на шеснаесетникот ги постави конечните 2:1. Интересно е што Гуела Дуе е брат на францускиот репрезентативец Дезире Дуе.
Со овој пораз Франција ја прекина серијата од девет натпревари без неуспех, во која забележа осум победи и едно реми. Последниот пораз „сините“ го претрпеа на 5 јуни 2025 година во финалето на Лигата на нации против Шпанија, во натпревар што заврши со резултат 5:4.
Французите сега ги очекува уште една генерална проверка пред Светското првенство. Во понеделник ќе ја пречекаат Северна Ирска во Лил, по што целосно ќе се насочат кон настапот на мундијалот.
На списокот од 26 фудбалери повикани од Дидие Дешан за Светското првенство се наоѓаат и петмина играчи на ПСЖ, кои оваа сезона ја освоија Лигата на шампионите – Усман Дембеле, Дезире Дуе, Лукас Ернандез, Бредли Баркола и Ворен Заир-Емери.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












