Во општините Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори одржан на 19 октомври минатата година не беше постигната законски потребната излезност од најмалку една третина, односно 33,33 отсто од запишаните гласачи.
Според Изборниот законик, за изборите да се сметаат за успешни на повтореното гласање, за еден од кандидатите треба да гласаат повеќе од половина од излезените гласачи.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот, кога ќе се затворат избирачките места. Граѓаните се идентификуваат со важечка лична карта или пасош, а нивниот идентитет дополнително се потврдува и преку биометриски уреди за идентификација.
Во Гостивар гласањето се одвива на 120 избирачки места, а во Избирачкиот список се запишани вкупно 82.870 гласачи. Од нив, 78.185 се постојани жители на општината, додека 4.604 гласачи се запишани на посебниот Избирачки список за лица кои живеат во странство.
Во Маврово-Ростуше гласањето се одвива на 40 избирачки места, а право на глас имаат 10.575 граѓани, од кои 9.622 се запишани како жители на општината, а 951 како гласачи во странство.
Во Врапчиште, 27.279 гласачи можат да го остварат своето право на глас на 39 избирачки места. Од нив, 26.318 се постојани жители, додека 950 лица се запишани на Избирачкиот список за гласачи во странство.
Во Центар Жупа, на 16 избирачки места можат да гласаат 7.562 граѓани, од кои 6.305 се жители на општината, а 1.257 лица се запишани на посебниот Избирачки список за гласачи кои живеат надвор од државата.
Вчера во овие четири општини гласаа болните и изнемоштени лица, како и лицата кои издржуваат казна затвор.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












