Лажна дојава дека во еден од автобусите е подметната рачна бомба утринава го наруши возниот ред на ЈСП „Скопје“. Автобусите на најголемиот градски превозник утрово престанаа да возат бидејќи мораше да се изврши проверка. Шоферите мораа да ги испразнат автобусите, а некои и да ги вратат во базите за проверка.
По налог на МВР, сите возила на ЈСП Скопје се повлечени од сообраќај поради анонимна дојава за поставена рачна бомба во едно од возилата, велат од ЈСП- Скопје.
-Екипите за антитероризам се на терен и постепено возилата се вклучуваат на линија по претходна соодветна безбедносна проверка. Лицето, вработено во ЈСП, а кое ја испратило заканата е приведено од страна на МВР. ЈСП нема да дозволи било какви уцени, закани, притисоци и обиди за саботажи да го нарушат работниот процес на претпријатието и ќе продолжи да работи во на интерес на граѓаните. Безбедноста и сигурноста на вработените во ЈСП и скопјани секогаш е приоритет на претпријатието, стои во нивното соопштение.
Поголемиот дел од автобусите беа прегледани од полицијата таму каде што застанале. Во моментов полицијата врши проверка во Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Неофицијално, еден од вработените се јавил во полиција и пријавил дека во автобусите има бомба, но потоа признал дека направил грешка.
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје преку соопштение информира дека денеска од полициски службеници е приведен Ј.И. вработен во ЈСП, постапувајќи по пријава од ЈСП околу 5 часот.
-Денеска од полициски службеници е приведен Ј.И. вработен во ЈСП, по претходна пријава околу 5 часот од ЈСП дека од неговиот меил на службениот меил на ЈСП и на мејловите на сите директори, службите за финансии, правни и други служби во ЈСП бил пратен меил со закана дека поради нередовното земање на плата планирал да постави бомба во автобус на ЈСП, која би експлодирала денес за време на протестите. Се вршат антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.
За денеска на пладне е закажан протестот на вработените во ЈСП заради неисплатената септемвриска плата.
-Скопјани заслужуваат квалитетна и редовна услуга, но бидејќи Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски кон ЈСП, претпријатието најавува дека од денеска,12 часот ќе почне со протест пред Влада сѐ до подмирување на долговите кон ЈСП, соопшти вчера генереланиот секретар при Град Скопје, Зоран Глигоров.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска рече дека автобусите на ЈСП ќе се постават пред сите институции и ќе блокираат сообраќај, сѐ додека државата не го исплати долгот кој го има кон ЈСП.
Од Владата вчера соопштија дека немаат долг кон ЈСП – Скопје.
-Ги повикуваме локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП – Скопје подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза, соопштија вчера од Владата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












