Голема полициска акција за заплена на марихуана се спроведува во Скопје и во струмичкиот регион, при што, според неофицијални информации, се одземени околу 27 тони дрога. Дел од марихуаната, речиси десет тони, била складирана во кругот на фирма поврзана со истрагата во Скопје, додека паралелна акција се одвива и надвор од главниот град, каде што се одземаат дополнителни количини.
Акцијата ја спроведува Министерството за внатрешни работи по насоки на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а според првичните информации станува збор за најголема заплена на дрога во земјава.
Истрагата доаѓа неколку дена по случајот во Србија, каде што беа откриени пет тони марихуана наменети за тамошниот пазар, пронајдени во магацин во близина на Крушевац.
Во фокусот на истражните органи е компанијата „Алфафарм ДОО Скопје“, основана во 2023 година, регистрирана за одгледување и преработка на лековити и ароматични растенија за фармацевтска употреба. Според податоците од Централниот регистар, фирмата располага со акционерски капитал од околу 529 илјади евра, а сопственичката структура била менувана непосредно пред откривањето на пратката во Србија.
Во кругот на поранешниот индустриски комплекс ОХИС, каде што се наоѓа седиштето на компанијата, е забележано засилено присуство на полиција, истражители од обвинителството и медицински екипи.
Според официјалните информации од Србија, за шверцот се осомничени пет лица, од кои две сè уште не се достапни за органите на прогонот. Се очекува македонските институции дополнително да соопштат детали по завршувањето на истражната постапка.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












