Генералниот директор на Фонд за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и деканот на Природно-математички факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Даворин Трпески, денеска ќе потпишат договор за унапредување на молекуларно-дијагностичките капацитети во земјава, со директно влијание врз современото и персонализирано лекување на онколошките пациенти.
Со договорот, Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ ќе започне со изведување напредни молекуларно-дијагностички анализи, пред сè преку примена на генски панели и масивно паралелно секвенционирање од новата генерација (NGS) кај различни онколошки состојби.
Од ФЗО информираат дека оваа методологија овозможува прецизно и навремено откривање на генски мутации, кои се клучни за избор на соодветна таргетирана терапија, следење на текот на болеста и проценка на прогнозата. Комбинацијата од современа опрема и високостручен кадар ќе овозможи поефикасно задоволување на зголемените потреби од молекуларно-онколошки анализи во здравствениот систем.
Со овој чекор се проширува националната мрежа за молекуларна дијагностика кај онколошките пациенти и се прави значаен исчекор кон модерна, прецизна и подостапна здравствена заштита.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












