Сметам дека професионлно и законито ќе го претставувам ова Обвинителство заедно со колегите обвинители, изјави денеска Ислам Абази, новоизбраниот шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Тој на вчерашните избори беше избран со 66 гласови „за“ од 163 обвинители со право на глас.
На денешната прес-конференција тој рече дека добиените гласови на обвинителите од повеќе градови се мотив за професионално да раководи со ова Обвинителство. Пред новинарите рече дека немал програма, но бил во комуникација со обвинителите кои избираа и дека ја има визијата за работата во следниот период.
На новинарското пршање да ги наброи предмети на кои работел и да ги наведе надлежностите на ОЈО ГОКК тој упати на гостиварското обвинителство и додаде: „Не сум на испит тука јас“.
Абази најави дека најпрво ќе се запознае со состојбите и работите во Обвинителството а планот му е да се пополнат празните работни места за обвинителите во истражниот центар и да се воведе дигитализација на јавното обвинителство.
На прашањето за тоа каква и колкава му е блискоста со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со оглед на тоа што потекнуваат од исто село тој одговори дека со него нема лични контакти.
– Можеби сме се сретнале со господинот Али Ахмети, ама лично контакти немаме. Дружбата со такви личности не е забранета, ама е непристојна. Мене не ми е забрането да се дружам со некој политичар ако тој не е учесник во некаква постапка или ако нема кривично дело против него, изјави Абази.
Тој додаде дека јавнообвинителската функција е неспоива со вршење на друга јавна функција или со членување во одредена политичка партија и дека тој никогаш не бил член на некоја политичка партија.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












