Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 2 Август – Илинден, порача дека иднината на Македонија треба да се гради врз идеалите на Илинденското востание и АСНОМ, со вложување во младите, мудра надворешна политика и национално помирување.
На свеченоста под нејзино покровителство, одржана пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје, Сиљановска-Давкова истакна дека Илинден е ден за сеќавање на генерациите кои се бореле за создавање на македонска држава.
Таа порача дека постои обврска кон историската вистина и кон асномската генерација, која, како што рече, со огромни жртви ја изборила слободата и темелите на македонската република.
Во своето обраќање претседателката нагласи дека никој нема право да ја менува или ревидира националната историја на еден народ.
„Секој народ има право на својата историја“, порача Сиљановска-Давкова, додавајќи дека антифашизмот претставува една од основните вредности врз кои се темели македонската државност.
Осврнувајќи се на состојбите во современото општество, претседателката посочи дека Македонија мора да се справи со корупцијата, организираниот криминал и партократијата, за младите да имаат услови да останат во државата и тука да ја градат својата иднина.
Таа нагласи дека знаењето, квалитетот и успехот треба да бидат поважни од партиската припадност и личните познанства.
Во однос на европскиот пат на државата, Сиљановска-Давкова истакна дека Македонија останува проевропски ориентирана, но предупреди на, како што рече, постојани барања кои го доведуваат во прашање правото на самоопределување.
Таа повика на надминување на внатрешните поделби и постигнување единство околу прашањата од национален интерес.
Пред свеченоста, претседателката положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов-Ченто. Делегации од нејзиниот Кабинет присуствуваа и на чествувањата по повод Илинден во Крушево, Пелинце, манастирот „Свети Прохор Пчињски“ и Смилево.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












