„Градот убав повторно блесна!“, напиша градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи фотографии од новогодишната атмосфера на плоштадот „Македонија“.
Со симболично притискање на копче од страна на градоначалникот, официјално беше запалена новогодишната елка, по што следуваше настап на хор составен од десетици деца од скопските училишта, кои изведоа празнични песни и ја збогатија свечената атмосфера.
Скопјани, како и гости од повеќе градови низ Македонија, вечерва уживаа и во балетска претстава, Божиќниот маркет и во празничната програма „Скопје – новогодишна зимска бајка“, која ќе трае до 31 декември.
Ѓорѓиевски порача дека со оваа церемонија Скопје направило значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови, преку настани што носат позитивна енергија, заедништво и радост за сите генерации.
„Од срце ви благодарам, драги скопјани и најдраги дечиња, за масовното присуство, радоста и прекрасната енергија што вечерва ја споделивме заедно. По години сивило, Скопје повторно блесна. Свечено ја осветливме новогодишната елка и официјално го отворивме Божиќниот маркет, со што симболично го означивме почетокот на празничната магија во нашиот главен град“, напиша градоначалникот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












