Кога снегот, кој ретко паѓа во Западен Мидлендс во Англија, го покри градот Бирмингем во четвртокот навечер, жителите беа сведоци на ретка глетка – небото доби светла розова боја. На социјалните мрежи се појавија разни теории, па некои се прашуваа дали станува збор за природен феномен, необично шарен зајдисонце или дури аурора бореалис што неочекувано се појавила во областа.
Сепак, објаснувањето беше далеку помалку возбудливо. Изворот на светлината се покажа како голем LED екран што се користи за одржување на теренот на стадионот „Сент Ендрус“, дом на Бирмингем Сити. Воздушните фотографии покажуваат дека светлината доаѓа од стадионот, а ниските облаци и снегот направиле небото да рефлектира повеќе светлина, создавајќи впечатлива розова нијанса.
Хеднесфорд Таун, фудбалски клуб од блискиот град Хеднесфорд, објави на социјалните мрежи дека сличен феномен се случил претходно оваа недела, откако користеле LED ламби на својот терен за да им помогнат на тревата да расте и да се опорави. „Тоа не е аурора“, наведоа од клубот.
Метеорологот Сајмон Кинг од Би-Би-Си објасни дека атмосферските услови со ниска облачност, дури и додека врне снег, можат да го направат небото порефлективно. Светлата од стадионите, зградите и автомобилите можат да создадат ефект на розова боја кој бил јасно видлив во центарот на Бирмингем.
Фотографии од феноменот беа направени и од метеоролошките набљудувачи на Би-Би-Си, прикажувајќи ја необичната светлина што го осветли градот во снежната вечер.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












