Министерството за надворешни работи на Бугарија остро го осуди палењето на две возила во сопственост на бугарската амбасада во Скопје, оценувајќи го инцидентот како „демонстративен чин на агресија“ што ги загрозува безбедноста, здравјето и животот на вработените во дипломатското претставништво.
Од бугарското МНР соопштија дека дипломатските возила биле запалени околу пладне од засега непознат сторител. Според нив, материјалната штета можела да биде значително поголема доколку бугарскиот конзул навремено не интервенирал со противпожарен апарат.
Во реакцијата се бара брза, ефикасна и непристрасна истрага за целосно расветлување на случајот и санкционирање на одговорните лица.
Од Софија оценуваат дека инцидентот не претставува изолиран случај, туку е последица на, како што наведуваат, агресивен политички говор и поттикнување омраза. Во соопштението се упатуваат и критики кон македонските институции поради, според нив, недоволен одговор во претходни слични случаи, што создава чувство на неказнивост кај сторителите.
Бугарското Министерство за надворешни работи потсети и на претходни инциденти, меѓу кои и палењето на бугарскиот клуб во Битола, наведувајќи дека ќе ги искористи сите расположливи механизми за заштита на бугарските државјани и интереси.
По информацијата за опожарените дипломатски возила, со реакција излегоа и македонската Влада и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од Владата случајот го оценија како вандалски и недозволив чин, истакнувајќи дека очекуваат брза и ефикасна истрага од надлежните институции и целосна одговорност за сторителите.
Во владината реакција се наведува дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде санкциониран согласно законите, а државата има капацитет да одговори соодветно и да не дозволи поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












