Гостивар е на чекор до официјално прогласување епидемија на заразна болест, откако е регистриран значителен пораст на лица со симптоми на гастроентероколит, информираше д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје.
Според него, досега се поднесени 140 официјални пријави за заразна болест, додека епидемиолошките тимови од Гостивар и Институтот за јавно здравје продолжуваат со анкетирање на заболените.
„Регистриран е пораст на бројот на заболени преку АЛЕРТ-системот и надминат е неделниот праг за територијата на Гостивар“, изјави Кочински.
Тој најави дека Центарот за јавно здравје Тетово во текот на денот треба да донесе одлука дали официјално ќе прогласи епидемија, со што би се овозможила поефикасна координација на институциите.
Институтот за јавно здравје, по барање на Основното јавно обвинителство Гостивар, веднаш излегол на терен и земал примероци од водата за микробиолошки и физичко-хемиски анализи. Според Кочински, стручните тимови работеле и за време на викендот, а резултатите од анализите ќе бидат доставени до Обвинителството во текот на утрешниот ден, по што ќе се носат натамошните одлуки.
Во меѓувреме, забраната за користење на водата од градскиот водовод останува во сила. Агенцијата за храна и ветеринарство ја воведе мерката на 17 јули поради сомнеж за загадување, а граѓаните и понатаму се повикуваат да не ја користат водата за пиење и подготовка на храна сè додека надлежните не потврдат дека е безбедна.
Основното јавно обвинителство Гостивар информира дека истрагата продолжува, а локацијата во Вруток и понатаму е обезбедена по наредба на јавен обвинител. По добивањето на лабораториските резултати ќе биде донесена одлука за понатамошниот тек на постапката.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












