Билбордот „Добре дојдовте“ поставен на влезот во Скопје денеска е отстранет, само неколку дена по неговото поставување, откако предизвика бројни реакции и критики во јавноста поради повеќе очигледни грешки во визуелното решение.
Според неофицијални информации, билбордот ќе биде заменет со нов, а трошокот за изработка ќе го сноси компанијата што го изработила првичниот дизајн. Корекцијата нема да биде на товар на граѓаните.
Најголемо внимание на социјалните мрежи предизвика приказот на коњот Букефал, кој беше претставен со една нога повеќе. Дополнително, воинот беше прикажан со необична капа наместо со антички шлем, а Камениот мост беше визуелно изменет со повеќе лакови од реалниот изглед, што предизвика бројни коментари и шеги.
Билбордот беше поставен во петокот вечерта од страна на Град Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски претходно објави дека со овој проект се разубавува влезот во главниот град, истакнувајќи дека тоа се прави „со љубов, внимание и посветеност“, бидејќи, како што наведе, секој детал е важен во создавањето препознатлив лик на Скопје.
По силниот притисок од јавноста, билбордот денеска беше демонтиран, а се очекува наскоро на негово место да биде поставено ново, коригирано решение.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












