Микробиологот Никола Пановски реагираше на начинот на кој се постапува со резултатите од анализите поврзани со епидемијата во Гостивар, критикувајќи ја одлуката тие да не бидат јавно објавени додека трае истрагата.
Во објава на социјалните мрежи, Пановски изнесе хипотетичко сценарио во кое пациент со симптоми на труење се лекува во болница, додека Обвинителството се сомнева на намерно труење или труење поради небрежност и бара дополнителни лабораториски анализи.
Според него, во таква ситуација резултатите од анализите би ги имало само Обвинителството, додека лекарите и јавноста не би знаеле за причината за труењето, што според него може да има сериозни последици.
„Причината за труење е позната, но само за Обвинителството. Лекарот не ја знае. Додека трае истрагата пациентот починува. По завршување на истрагата јасно е дека постоел лек кој би го спасил пациентот, но во интерес на истрагата, отишол како колатерална штета“, напиша Пановски.
На крајот од објавата тој посочи: „Секоја сличност со Гостивар е намерна“, поврзувајќи го примерот со актуелната епидемија на гастроентеритис и неизлегувањето во јавност на резултатите од анализите на водата.
Пановски дополнително наведе дека, според неговото сценарио, по завршувањето на истрагата би можеле да следуваат и правни постапки доколку се утврди дека поради недостиг на информации не била навремено обезбедена соодветна реакција.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












