Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека Град Скопје ќе испрати цистерни со питка вода во Гостивар, поради актуелната состојба со загадувањето на градскиот водовод и зголемениот број граѓани кои побараа медицинска помош.
Ѓорѓиевски истакна дека во вакви ситуации е потребна брза реакција и солидарност, поради што веднаш е донесена одлука за испраќање вода за пиење до жителите на Гостивар.
„Сите нѐ потресе случајот во Гостивар, каде голем број граѓани пројавија симптоми на труење, а постојат сомнежи дека причината е загадената вода од градскиот водовод. Во вакви моменти нема место за чекање – потребни се брза реакција, човечност и солидарност“, порача Ѓорѓиевски.
Тој информира дека цистерните со питка вода ќе бидат на располагање на граѓаните сè додека траат испитувањата и не се надмине целосно состојбата.
Како претседател на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски упати апел и до останатите градоначалници, согласно своите можности, да се приклучат и да обезбедат помош за Гостивар.
Воедно, тој побара од надлежните институции целосно и транспарентно да го расчистат случајот и, доколку се утврдат пропусти или неправилности, да се преземе соодветна одговорност.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












