Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека, по барање на Јавното обвинителство, веднаш испратил стручни екипи на терен во Гостивар, каде биле земени примероци од водата за микробиолошки и физичко-хемиски анализи.
Од Институтот информираат дека веднаш по враќањето на екипите, во раните утрински часови во четврток, започнала лабораториската анализа на примероците.
„По известувањето од ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ – Гостивар за нагло зголемен број пациенти со гастроинтестинални симптоми, стручните лица од Институтот работат и во текот на викендот за анализите да бидат изработени навремено и стручно. Резултатите ќе бидат доставени до Јавното обвинителство за понатамошно постапување“, соопштија од ИЈЗ.
Оттаму нагласуваат дека се во постојана комуникација и координација со сите надлежни институции кои работат на расчистување на случајот.
Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде привремена забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водовод поради сомнеж дека таа е загадена и небезбедна.
Од Општата болница во Гостивар потврдија дека во изминатите денови повеќе од илјада граѓани побарале медицинска помош поради стомачни тегоби.
Случајот го привлече вниманието на јавноста откако нагло се зголеми бројот на лица со гастроинтестинални симптоми, а институциите започнаа истрага за утврдување на причините.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












