Најмалку 57 лица загинаа за време на масовниот обид за премин од Мароко во шпанската автономна територија Сеута, додека десетици илјади мигранти кои успеале да влезат веќе се вратиле назад во Мароко.
Според шпанското Министерство за внатрешни работи, од четвртокот во Сеута влегле околу 50.000 лица, додека претседателот на локалната власт Хуан Хесус Вивас проценува дека бројката достигнала околу 60.000. Тоа претставува речиси 70 проценти од вкупното население на градот.
До петокот вечерта, околу 48.300 лица ја напуштиле Сеута и се вратиле во Мароко. Голем дел од нив доброволно се повлекле поради недостиг од храна, сместување и можност да го продолжат патот кон континентална Европа. Според светските агенции, стотици луѓе се враќале преку граничните премини и отворите во граничната ограда.
Дел од жртвите се удавиле во обид да допливаат до шпанска територија, додека други загинале во турканицата на плажата Тарахал, во близина на границата. Шпанските власти предупредуваат дека конечниот број на загинати може да биде поголем.
Во обид да ја стабилизира состојбата, Шпанија распореди дополнителни полициски сили и војници долж границата. На мароканската страна, полицијата употреби солзавец, палки и водени топови за да ги спречи новите обиди за премин. Во судирите биле запалени автобус и повеќе автомобили.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја посети Сеута и масовниот премин го оцени како „напад врз територијалниот интегритет“ на Шпанија. Тој најави дека државата ќе ги преземе сите неопходни мерки за воспоставување контрола и нормализирање на состојбата, додека министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка останува во Сеута за да ја координира акцијата на терен.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












